Дела Ап. 12:11-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”

12. Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат.

13. И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.

14. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата.

15. А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.”

16. А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија.

17. Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!” Потоа излезе и отиде на друго место.

18. А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра?

19. И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше.

Дела Ап. 12