Даниел 9:1-8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во првата година на Дариј, синот Хасвиров, од родот на Мидијците, кој владееше со Халдејското царство,

2. и така во првата година на неговото царување, јас, Даниел, ги истражував во Писмата бројот на годините, што - според зборовите кои Господ му ги упати на пророкот Еремија - требаа да се исполнат над урнатините на Ерусалим: седумдесет години.

3. Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел.

4. Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се, реков: „Ах, Боже мој, велики и страшен Боже, Кој им го пазиш Сојузот и наклонетоста на оние кои Те љубат Тебе и кои ги пазат Твоите заповеди!

5. Ние согрешивме, ние направивме беззаконие, сторивме зло, се одметнавме и се оддалечивме од Твоите заповеди и наредби.

6. Не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во Твое име на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, на сиот народ на земјата.

7. Господи, во Тебе е праведноста, а во нас срам на образот, како во овој ден во нас Јудејците, во Ерусалимците, во сиот Израел кои се близу и кои се далеку, во сите земји каде што си ги растерал заради нивните отстапувања со кои отстапија од Тебе.

8. Господи, срам на образот наш, на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, зашто згрешивме против Тебе.

Даниел 9