Даниел 7:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал.

2. „Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море.

3. Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски.

4. Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце.

5. Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И и беше речено: ‘Стани, најади се месо!

6. Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила.

7. Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови.

8. Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули.

9. Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган.

10. Огнена река течеше, извираше пред Него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него, судот седна, книжните свитоци се одвиткаа.

Даниел 7