Даниел 6:14-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела.

15. Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.”

16. Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.”

17. Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела.

18. Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие.

19. Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама.

20. Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?”

21. Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека!

22. Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.”

23. Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог.

24. Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските.

Даниел 6