35. Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја.
36. Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.”
37. „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, -
38. во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато.
39. По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја.
40. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства.
41. Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина.
42. Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко.
43. А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина.
44. Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека -
45. како што виде дека се одвали камен од брегот а да не го допре рака, та ги сотре железото, бронзата, глината, среброто и златото. Великиот Бог му соопшти на царот што има да се случи. Сонот е вистинит, а толкувањето му е веродостојно.”
46. Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниела. Нареди да му принесат подарок и пријатно кадење.
47. И царот му рече на Даниела: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар над царевите, Откривател на тајните, кога можеше да ја откриеше оваа тајна.”
48. Царот го возвиши Даниела и го дарува со многу блескави дарови. Го постави за управител на сета вавилонска покраина и старешина на сите вавилонски мудреци.
49. Даниел го замоли царот да ги одреди за управители на вавилонската покраина Седрах, Мисах и Авденаго, а Даниел остана во царскиот дворец.