17. И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сè на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари,
18. за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци.
19. И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог.
20. Даниел го прифати словото и рече: „Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата.
21. Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите.
22. Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него.
23. Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.”
24. Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.”
25. Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.”
26. Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?”
27. Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите;
28. ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата:
29. Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде.