9. ‘Ако некој умре одненадеж покрај него, онечистувајќи ја на тој начин неговата посветена глава, нека ја избричи својата глава на денот на своето очистување - нека ја избричи на седмиот ден.
10. А на осмиот ден нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, две грлици или две гулапчиња.
11. Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев а другото како паленица, со тоа нека направи покривање на престапот за него, бидејќи згрешил заради мртовецот и ќе му ја освети неговата глава во тој ден.
12. Потоа наново нека Му ги заветува на Господа деновите на своето назирејство и нека принесе едногодишно јагне како жртва за престап. Нека не биде сметано поранешното време, зашто неговото назирејство беше онечистено.’
13. ‘Ова е Закон за назиреец: нека го доведат при влезот на Шаторот на средбата во денот кога ќе се исполни времето на неговото назирејство.
14. Нека Му донесе на Господа како свој принос: едногодишно јагне, без недостаток, за принос за грев; еден овен, без недостаток, за помирителна жртва;
15. натаму: кошница со пресни погачи од чисто брашно, замесени со масло и непотквасени колачи, намачкани со масло, со нивниот лебен принос и со налевница.
16. Откако свештеникот ќе го донесе тоа пред Господа, нека ги принесе неговите: приносот за грев и паленицата.
17. Потоа нека Му го принесе на Господа овенот како помирителна жртва заедно со кошницата со пресни погачи. Свештеникот нека ги принесе и неговиот лебен принос и неговата налевница.
18. При влезот во Шаторот на средбата, назиреецот нека ја остриже својата глава и - откако ги земе влакната од својата посветена глава - нека ги стави во огнот под помирителната жртва.
19. Потоа свештеникот нека земе варена плешка од овенот, една незаквасена погача од кошницата и еден пресен колак и нека го положи тоа во рацете на назиреецот, откако овој ќе ја остриже главата на своето назирејство.