14. Доделете три града отаде Јордан, а три града во Ханаанската Земја. Тие нека бидат градови-засолништа.
15. Тие шест града нека бидат за засолниште како за Израелевите синови така и за странецот и придојденикот, кои престојуваат меѓу нив, каде може да избега секој што убил некого на несакање.’
16. ‘Но ако некој удри некого со железен предмет па го усмрти, тогаш тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата.
17. Ако го удри со камен во раката, од кого човек може да загине и навистина загине, тоа е пак убиец, убиецот треба да плати со главата.
18. Или ако го удри со некаков дрвен предмет во раката, од кого може да умре и навистина умре, и тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата.
19. Крвниот одмаздник треба сам да го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го убие.
20. Натаму, ако некој го турне некого од омраза или намерно фрли нешто врз него па го убие,
21. или ако го удри со раката од злоба па удрениот умре, напаѓачот треба да загине - тој е убиец. Крвниот одмаздник нека го погуби убиецот штом ќе го сретне.’
22. ‘Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или ако фрли нешто на него, ама не од заседа,
23. или од невнимание ако собори врз него камен од кого може да загине човек, па го убие, а не му бил непријател ниту му сакал зло -
24. тогаш општеството нека пресуди меѓу убиецот и крвниот одмаздник според овие правила:
25. заедницата е должна да го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв; тогаш општеството нека го врати во градот-засолниште каде што избегал; тој нека остане таму до смртта на велесвештеникот, кој беше помазан со свето масло.