1. Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња кај Јордан, спроти Ерихон:
2. „Нареди им на Израелевите синови да им отстапат на левитите - од наследството што го имаат - градови каде ќе живеат, и пасишта околу градовите. Дајте им го тоа на левитите.
3. Градовите нека им бидат за живеење, а околните пасишта нека бидат за нивните говеда, за нивниот имот и за сите нивни животни.
4. Пасиштата покрај градовите, што им ги отстапувате на левитите, нека зафатат од градските ѕидови надвор до илјада лакти наоколу.
5. Измерете од градот надвор две илјади лакти на источната страна, две илјади лакти на јужната страна, две илјади лакти на западната страна и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат градски пасишта.
6. Од градовите што ќе им ги дадете на левитите, шест ќе бидат градови-засолништа, што ќе ги отстапите за да може убиец да избега таму. Кон овие придајте уште четириесет и два града.
7. Така, сите градови, што ќе им ги отстапите на левитите, ќе бидат четириесет и осум со нивните пасишта.
8. А од градовите што ќе ги одвојувате од сопственоста на Израелевите синови, земете повеќе од оние, кои имаат многу, а помалку од оние, кои имаат малку.”