Броеви (4 Moj.) 31:7-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки.

8. Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син.

9. Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство.

10. Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби,

11. а сè нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни.

12. Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното.

13. Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот.

14. Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход.

15. Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски!

16. А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество.

17. Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж!

18. А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко.

19. Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден;

20. очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.”

Броеви (4 Moj.) 31