Броеви (4 Moj.) 31:13-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот.

14. Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход.

15. Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски!

16. А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество.

17. Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж!

18. А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко.

19. Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден;

20. очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.”

21. Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја:

22. Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот,

23. сè што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сè што не поднесува оган поминете го низ вода.

24. На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.”

25. Господ му рече на Мојсеја:

26. „Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот,

27. а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница.

28. А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток.

29. Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа.

30. А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.”

Броеви (4 Moj.) 31