Броеви (4 Moj.) 3:28-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. Кога беа избројани сите машки од еден месец нагоре, ги имаше осум илјади и шест стотини. Тие се грижеа за Светилиштето.

29. Каатовите родови поставуваа логор од јужната страна на Шаторот.

30. Елисафан, синот Озиилов, беше глава на родовите во Каатовиот дом.

31. Тие се грижеа за Ковчегот, за столот, за светилникот, за жртвениците и за светиот прибор со кој се служеа и, конечно, за завесата и за сè што и припаѓаше.

32. Елеазар, синот на Арона свештеникот, беше врвен главатар на левитите, Тој вршеше надгледување над оние кои се грижеа за Светилиштето.

33. Од Мерариј произлегуваа Малиевиот род и Мусиевиот род. Тоа се Мерариеви родови.

34. Од нив, при пописот на сите машки од еден месец и повеќе, беа избројани шест илјади и две стотини.

35. Сурил, синот Авихаилов, беше глава на родовите во Мерариевиот дом. Тие поставуваа логор на северната страна од Шаторот.

36. Мерариевите синови се грижеа за даските на Шаторот, за неговите лостови, за столбовите и за неговите подножја, за сиот негов прибор и за сè што спаѓа во неговата служба.

37. Освен тоа, за столбовите околу дворот, за нивните подножја, за колчињата и за јажињата.

38. А оние што ќе ги поставуваат шаторите на предната страна, пред Шаторот на средбата на источната страна, да бидат Мојсеј, Арон и нивните синови, на кои им беше доверена служба во Светилиштето во име на Израелевите синови. Странец кој би се доближил, ќе биде погубен.

39. Сите избројани од левитите од еден месец нагоре, кои Мојсеј и Арон ги избројаа, по Господова заповед, по нивните родови, беа дваесет и две илјади.

Броеви (4 Moj.) 3