2. Валаам ги подигна очите и го виде Израел зашаторен по неговите племиња. Божји Дух слезе на него,
3. и тој ја почна својата песна па рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед;
4. пророштво на оној, кој ги слуша Божјите слова, кој го виде видението на Сèмоќниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отвораат:
5. Колку ти се прекрасни шаторите, Јакове, и твоите живеалишта Израеле!
6. Како долини што се тегнат, Како градини покрај речниот брег; како мирисливи дрва, посадени од Господа, како кедри покрај водите!
7. Вода ќе се излее од неговото ведро и неговото семе ќе биде во силни води. Неговиот цар ќе го надвиши Агаг, неговото царство се воздига.
8. Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови; тој ги проголтува непријателските народи,тој ги дроби нивните коски.
9. Се собра, прилегна како лав и како лавица, кој смее да го разбуди? Благословен да е кој те благословува, проклет да е кој те проколнува!”
10. И Валак пламна со гнев на Валаама и плесна со своите раце. „Те повикав да ги проколнеш моите непријатели - му рече Валак на Валаама - а, ете, ти ги благословуваш веќе по трет пат!
11. Оди си веднаш во својот крај. Си реков ќе те почестам достојно! А, ете, Господ те лиши од почитувањето.”