5. Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене.
6. Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.”
7. Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака.
8. Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.” Така моавските управители останаа кај Валаама.
9. Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?”
10. Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака:
11. ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’”
12. Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.”
13. Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.”
14. Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.”