8. и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.”
9. Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше.
10. Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот.
11. Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето.
12. Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред.
13. Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците.
14. Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:”
15. „Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница. . .”
16. Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!”
17. Тогаш Израел ја запеа оваа песна: „Бликај, о кладенче! А вие - пејте му;
18. кладенецот, владетелите го ископаа, народните благородници со своите палки, го открија, со заповед на Законодавацот.” Од пустината отидоа во Матан,
19. од Матан во Налиел, а од Налиел во Вамот;
20. од Вамот во долината што се спушта во Моавското Поле, при врвот Фазге, од каде се тегне глетка кон пустината.
21. Сега Израел испрати пратеници при Сион, аморејски цар, со порака:
22. „Пушти нè да поминеме преку твојата земја. Нема да навраќаме во нивите и во лозјата, ниту ќе пиеме вода од кладенците. Ќе одиме по Царскиот Пат додека не поминеме низ твоето подрачје.”
23. Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел.
24. Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците.
25. Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби.