Броеви (4 Moj.) 21:23-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел.

24. Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците.

25. Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби.

26. Бидејќи Есевон беше главен град на Сион, аморејскиот цар, кој војуваше против поранешниот моавски цар, па ја освои сета негова земја до Арнон,

27. затоа зборувачите во пословици велат: „Одете во Есевон! Нека се изгради и нека се утврди Сионовиот град!

28. Зашто од Есевон пламна оган, пламен од градот Сионов, го опожари Моавскиот Ар, и првенците на високите арнонски места.

29. Тешко ти тебе, Моаве! Пропадна! Хамосов народе! Направи бегалци од твоите синови, а робинки од твоите ќерки на аморејскиот цар Сион.

30. Ги поразивме со стрели; пропадна Есевон сè до Девон: разурнувавме до Нофа, што е близу до Медева.”

31. Така Израелците се населија во земјата на Аморејците.

32. Мојсеј се запати да го извиди Јазир. Потоа ги зазедоа неговите населби, а ги истераа Аморејците, кои беа таму.

33. Тогаш се завртија и тргнаа кон Васан. А васанскиот цар Ог ги пресретна со сиот свој народ за да војува кај Едраин.

34. Но Господ му рече на Мојсеја: „Не бој се од него! Ги предадов во твоите раце: него, сиот негов народ и неговата земја. Постапи со него како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.”

35. И го поразија него, и неговите синови, и сиот негов народ. Потоа ја освоија неговата земја.

Броеви (4 Moj.) 21