5. а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови.
6. Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата.
7. Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сè што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.”
8. Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сè што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав.
9. Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови!
10. Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети!
11. И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа.
12. Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино.
13. Твои нека бидат првите родови од сè во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде.
14. Сè, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое.
15. Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток.
16. Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери.
17. Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа.
18. Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка.
19. Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе.