34. Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене.
35. Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’”
36. А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша;
37. тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа.
38. Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата.
39. Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо,
40. станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.”
41. А Мојсеј рече: „Зошто ја престапувате Господовата заповед? Не ќе успеете.
42. Не одете горе, оти Господ не е помеѓу вас, да не би да ве поразат вашите непријатели.
43. Зашто Амаликците и Ханаанците таму се пред вас, и ќе паднете од меч; зашто отстапивте од Господа и затоа Господ не ќе биде со вас.”
44. Но тие се искачуваа упорно кон врвот на гората, иако ни Ковчегот на Господовиот Завет ни Мојсеја не го оставија логорот.
45. Амаликците и Ханаанците, кои живееја на планината, слегоа, удрија на нив и ги гонеа сè до Хорма.