24. А Мојот слуга Халев, зашто во него беше инаков дух и зашто ми беше послушен, Јас ќе го воведам него во земјата во која влезе, и неговите потомци ќе ја наследат! (Амаликците и Ханаанците живеат во долината).
25. Вратете се утре и тргнете кон Црвеното Море.”
26. Уште Господ им рече на Мојсеја и Арона:
27. „До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене? Ги чув оптужбите што Израелевите синови ги подигаат против Мене.
28. Кажи им: ‘Жив Сум Јас, вели Господ, како што зборувавте во Моите уши, така и ќе ви сторам.
29. Вашите мртви тела ќе паднат во оваа пустина: на сите вас што сте запишани во кој и да е попис од дваесет години нагоре, кои викавте против Мене.
30. Нема да влезете во земјата, против која ја дигнав Мојата рака, за да ве населам во неа, освен Халев, синот Ефониев, и Исус синот Навинов.
31. А вашите деца, за кои велевте дека ќе станат робови, нив ќе ги воведам за да ја населат земјата што вие ја презревте.
32. А вие! Вашите трупови ќе паднат во пустинава!
33. Вашите синови ќе скитаат низ пустината четириесет години, ќе трпат заради вашата невера додека не ви испопаѓаат телата во пустинава.
34. Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене.
35. Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’”
36. А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша;
37. тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа.
38. Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата.
39. Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо,
40. станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.”