1. Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ.
2. Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава!
3. Зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!”
4. И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!”
5. Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница.
6. А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека.
7. Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра.
8. Ако ни биде Господ милостив, ќе нè доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко.
9. Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!”
10. И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови.
11. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе Ме презира тој народ? До кога не ќе Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив среде нив?
12. Ќе ги удрам со помор и ќе ги истребам, а од тебе ќе направам народ поголем и посилен од него.”
13. Тогаш Мојсеј Му рече на Господа: „Египетците сфатија дека Ти, со Твојата сила, го изведе овој народ отсреде нив.
14. Тие им го кажаа тоа на жителите на онаа земја. Веќе научија дека Ти си, Господи, среде овој народ, кому му се јавуваш лице во лице, и дека Ти, Господи, стоиш во облак над него, дека одиш пред него дење во столб од облак, а ноќе во столб од оган.