1. Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ.
2. Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава!
3. Зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!”
4. И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!”
5. Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница.
6. А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека.
7. Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра.
8. Ако ни биде Господ милостив, ќе нè доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко.
9. Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!”
10. И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови.