Броеви (4 Moj.) 13:9-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Фалтиј, син Рафуев, од Венијаминовото племе;

10. Гадиил, син Содиев, од Завулоновото племе;

11. Гадиј, син Сусиев, од Јосифовото племе, од Манасиевото племе;

12. Амил, син Гамалиев, од Дановото племе;

13. Сетур, син Михаилов од Асировото племе;

14. Навиј, син Вопсиев, од Нефталимовото племе;

15. Гуел, син Макхиев, од Гадовото племе.

16. Тоа се имињата на луѓето кои ги испрати Мојсеј за да ја извидат земјата.

17. Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората.

18. Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен?

19. Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени?

20. Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје.

21. Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат.

22. Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет.

23. Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви.

24. Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму.

25. По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа.

26. Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата.

27. И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нè испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови.

Броеви (4 Moj.) 13