13. Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’
14. Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене.
15. Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.”
16. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи меѓу Израелевите старешини, за кои знаеш дека се народни старешини и негови надгледувачи. Доведи ги во Шаторот на средбата, па нека ги заземат таму своите места со тебе.
17. Јас ќе слезам и таму ќе зборувам со тебе; ќе земам од духот што е на тебе и ќе го ставам на нив. Така, со тебе, ќе го носат бремето на народот, за да не го носиш сам.
18. Натаму, кажи му на народот: ‘Очистете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте во Господовите уши, говорејќи: „Кој ќе нè насити со месо? Ни беше добро во Египет.” И така, Господ ќе ви даде месо да јадете.
19. Нема да го јадете само еден ден, ни пет дена, ни десет дена, ни дваесет денови;
20. туку цел месец, сè додека не ви избие низ носалките и не ви се згади, зашто Го отфрливте Господа Кој е среде вас, мрморејќи пред Него со зборовите: „Зошто воопшто излеговме од Египет?!”‘„
21. „Народот во кој се наоѓам - одговори Мојсеј - има шест стотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‘Ќе им дадам месо да јадат цел месец.’
22. Може ли да биде исклан целиот ситен и крупен добиток за да им биде доволно? Можат ли да се соберат сите риби од морето за да им биде доста?”
23. Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.”
24. Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот.