1. И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот.
2. Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна.
3. Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму.
4. Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нè насити со месо!
5. Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук.
6. Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.”
7. Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј.
8. Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот и беше како вкус на колачиња зготвени со масло.
9. Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната.
10. Мојсеј слушаше како народот се поплакува во своите семејства, секој при влезот на својот шатор. Господовиот гнев пламна жестоко, и Мојсеј се нажали:
11. „Зошто го измачуваш Твојот слуга? - Мојсеј Му упати слово на Господа. Зошто не добив милост во Твоите очи, кога врз мене го стави теретот за сиот овој народ?
12. Зар од мене произлегува сиот овој народ? Зар јас го родив, кога ми велиш: ‘Носи го во твоето крило, како што доилката го носи доилчето,’ во земјата што со заклетва им ја вети на нивните татковци!
13. Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’
14. Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене.
15. Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.”