7. и пушти гавран, што постојано одлетуваше и долетуваше, додека водите не се исушија од земјата.
8. Потоа пушти гулаб, за да види дали ја снема водата од земјата.
9. Но гулабот не најде место за своите нозе и се врати при него, во бродот, зашто водата ја покриваше целата земна површина; тој ја испружи раката, го фати гулабот и го внесе кај себе, во бродот.
10. И почека уште седум дена, пак го испрати гулабот од бродот.
11. Навечер гулабот се врати при него, и ете, во клунот имаше свеж маслинен лист; така Ное научи дека водите спаднаа на земјата.
12. Потоа почека уште седум дена и пак го пушти гулабот: и тој веќе не се врати при него.
13. Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета.
14. А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува.
15. Тогаш Бог му рече на Ное:
16. „Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе.
17. Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.”
18. И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи.