11. Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства.
12. И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило -
13. Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата.
14. Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор.
15. А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина.
16. Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен.
17. Еве, Јас ќе пуштам потоп - води на земјата - за да загине секое суштество под небото, сè во што има животен дух: сè на земјата треба да загине.
18. А со тебе ќе склучам Завет; ти ќе влезеш во бродот - ти и твоите синови со тебе, твојата жена и жените на твоите синови.
19. А од сè што е живо - од сите суштества - воведи во бродот по две од секое, за да преживеат со тебе, и нека бидат машко и женско.
20. Од птиците според нивните видови, од животните според нивните видови, и од сите суштества што ползат по почвата според нивните видови: по две од сите нека влезат кај тебе, за да преживеат.
21. Земи со себе сè за јадење па чувај го, за да има храна за тебе и за нив.”
22. Ное направи така. Сè како што му заповеда Бог, така стори.