Битие (1 Moj.) 50:18-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нè кај тебе да ти бидеме робови!”

19. Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога!

20. Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ.

21. Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.” Така ги смири со љубезни зборови.

22. Јосиф остана во Египет заедно со својот и со татковиот род; Јосиф живееше сто и десет години.

23. Така Јосиф ги виде Ефремовите деца до третото колено; а му се раѓаа деца и на Махир, синот Манасиев, на Јосифови колена.

24. Најпосле Јосиф им рече на браќа си: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова.”

25. Тогаш Јосиф ги заколна Израелевите синови: „Бог вистина ќе се сети за вас, и тогаш изнесете ги моите коски оттука!”

26. Јосиф умре кога му беа сто и десет години; го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.

Битие (1 Moj.) 50