Битие (1 Moj.) 48:13-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. И Јосиф ги зеде двајцата - Ефрема со својата десница: одлево на Израел, а Манасиј со својата левица: оддесно на Израел - па ги приближи до него.

14. Но Израел ја протегна својата десна рака и ја стави врз Ефремовата глава, иако беше помлад, а левицата врз Манасиевата глава - иако Манасиј беше првороденец.

15. Па го благослови Јосифа, и рече: „Бог, по чии патишта одеа моите татковци Авраам и Исак; Бог, Кој ми беше Пастир од кога постојам па сè до денес,

16. ангелот, кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови децава! Преку нив, нека се спомнува моето име и името на моите предци Авраам и Исак! Да се размножат на земјата во многубројни мноштва!”

17. Кога Јосиф виде дека неговиот татко ја стави десницата врз Ефремовата глава, не му беше мило; затоа посегна по раката на татка си да ја премести од Ефремовата глава врз Манасиевата глава.

18. „Не, така, татко мој - му рече Јосиф на татка си - зашто овој е првенец; затоа возложи ја десницата на неговата глава!”

19. Но неговиот татко го одби, велејќи: „Јас знам сине мој, знам; и од него ќе стане народ и ќе биде голем. Но неговиот помлад брат ќе биде поголем од него, од него ќе произлезе многуброен народ.”

20. И ги благослови во тој ден, зборувајќи: „Израел ќе биде благословуван преку вас, велејќи: ‘Бог нека ти направи и тебе, како на Ефрема и Манасија!’” Така го стави Ефрема пред Манасија.

21. Потоа Израел му рече на Јосифа: „Еве, јас ќе умрам скоро; но Бог ќе биде со вас и пак ќе ве врати во земјата на вашите татковци.

Битие (1 Moj.) 48