1. И Јосиф отиде и го извести фараонот: „Татко ми и браќа ми стигнаа со својот ситен и крупен добиток, и со сè што имаа, од Ханаанската Земја, и ене ги во Гесенската Земја.”
2. И земајќи петмина од своите браќа, ги воведе при фараонот.
3. А фараонот ги праша неговите браќа: „Со што се занимавате?” Му одговорија на фараонот: „Твоите слуги се сточари; како и нашите татковци.
4. Дојдовме да поживееме во земјава - му рекоа на фараонот - зашто ги снема пасиштата за стадата на твоите слуги. Страшен глад ја притисна Ханаанската Земја. Дозволи ни: твоите слуги да се населат во Гесенскиот Крај.”
5. Фараонот му рече на Јосифа: „Татко ти и браќа ти дојдоа кај тебе.
6. Египетската Земја е пред тебе; насели ги татка ти и браќа ти во најубавото место на земјава; тие нека живеат во крајот Гесен. А ако знаеш дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледувачи на мојот добиток.”
7. И Јосиф го доведе татка си Јакова и му го претстави на фараонот. Јаков го благослови фараонот.