1. И Јосиф отиде и го извести фараонот: „Татко ми и браќа ми стигнаа со својот ситен и крупен добиток, и со сè што имаа, од Ханаанската Земја, и ене ги во Гесенската Земја.”
2. И земајќи петмина од своите браќа, ги воведе при фараонот.
3. А фараонот ги праша неговите браќа: „Со што се занимавате?” Му одговорија на фараонот: „Твоите слуги се сточари; како и нашите татковци.
4. Дојдовме да поживееме во земјава - му рекоа на фараонот - зашто ги снема пасиштата за стадата на твоите слуги. Страшен глад ја притисна Ханаанската Земја. Дозволи ни: твоите слуги да се населат во Гесенскиот Крај.”
5. Фараонот му рече на Јосифа: „Татко ти и браќа ти дојдоа кај тебе.
6. Египетската Земја е пред тебе; насели ги татка ти и браќа ти во најубавото место на земјава; тие нека живеат во крајот Гесен. А ако знаеш дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледувачи на мојот добиток.”
7. И Јосиф го доведе татка си Јакова и му го претстави на фараонот. Јаков го благослови фараонот.
8. Фараонот го праша Јакова: „Колку се годините на твојот живот?”
9. Јаков му одговори на фараонот: „Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет години, малку и несреќни беа годините на мојот живот; не ги достигнаа годините на животот на моите татковци во дните на нивните скитања.”
10. Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од кај него.
11. Така Јосиф ги насели татка си и своите браќа, давајќи им го во сопственост најубавиот крај на Египетската Земја, во Рамзескиот Крај, како што нареди фараонот.
12. А Јосиф ги снабде со храна татка си, своите браќа и целото татково семејство сè до најмалиот.
13. Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја.
14. Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Ханаанската Земја за житото, што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараоновиот дворец.
15. Кога ги снема сребрениците во Египетската Земја и во Ханаанската Земја, сите Египетци дојдоа при Јосифа и му рекоа: „Дај ни леб! Зошто да изумреме пред твои очи? Нема веќе сребро.”
16. Јосиф одговори: „Дотерајте го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот, штом ги снема сребрениците.”
17. Така тие го дотеруваа својот добиток при Јосифа; а Јосиф им даваше леб во замена за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за ослињата. И ги снабдуваше во таа година со леб во замена за сиот нивни добиток.