Битие (1 Moj.) 46:20-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. На Јосифа му се родија во Египетската Земја Манасиј и Ефрем. Му ги роди ќерката на Онскиот свештеник Поти Фер.

21. Венијаминови синови: Вела, Вехер, Асвил, Гира, Нааман, Ихиј, Рос, Мупим, Упим и Аред.

22. Тоа беа Рахилините потомци, кои му ги роди на Јакова - вкупно четиринаесет души.

23. Данов син е Усим.

24. Нефталимови синови: Јасиил, Гуниј, Есер и Силим.

25. Тоа беа потомците на Вала, која Лаван и ја даде на ќерка си Рахила. Таа му роди на Јакова седум потомци.

26. Така сите Јаковови деца, што произлегоа од него и што се населија во Египет - не сметајќи ги жените на Јакововите синови - вкупно беа шеесет и шест.

27. И кон тоа два Јосифова сина, кои му се родија во Египет. Според тоа, сите души на Јакововиот дом, кои се населија во Египет, беа седумдесет.

28. Јаков го испрати Јуда, напред, при Јосифа за да се појави пред него во Гесен. Кога стигнаа во Гесенскиот Крај,

29. Јосиф ја спрегна својата кола и се запати во Гесен - во пресрет на татка си Израел. Стапувајќи пред него, го прегрна околу вратот и така плачеше долго.

30. Тогаш Израел му рече на Јосифа: „Сега можам да умрам, откако видов, со свои очи, дека си жив.”

31. Потоа Јосиф им рече на своите браќа и на татковиот дом: „Ќе отидам и ќе го известам фараонот; ќе му речам: ‘Браќа ми и семејството на татка ми, кои беа во Ханаанската Земја, дојдоа при мене.

32. Тие се луѓе пастири, секогаш се занимаваа со сточарство; ги доведоа со себе своите стада и сè што имаа.’

33. Така, кога фараонот ќе ве повика и ќе ве праша: ‘Со што се занимавате?’

34. Одговорете: ‘Луѓе сме, твоите слуги, кои од почеток досега се занимаваме со сточарство; и ние и нашите предци’, за да ве населат во Гесен. Имено, сите пастири им се одвратни на Египетците.”

Битие (1 Moj.) 46