17. Потоа ги фрли во темница за три дни.
18. На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога.
19. Ако сте чесни, еден од вас нека остане во затворот, а вие другите одете си и однесете го житото во својот дом што гладува.
20. Потоа доведете ми го вашиот најмлад брат, за да докажете дека се вистинити вашите зборови и да не загинете.” Тие се согласија.
21. И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нè стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нè молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нè снајде оваа неволја.”