Битие (1 Moj.) 41:42-57 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

42. Потоа фараонот го извади печатниот прстен од својата рака и го стави на Јосифовата рака. И го облече Јосифа во облека од најубава ткаеница, а околу вратот му обеси златна огрлица.

43. Тој се возеше на кола, како негов заменик, а пред него викаа: „На колена!” Така го постави над целата Египетска Земја.

44. Уште фараонот му рече на Јосифа: „Иако сум јас фараон, никој нема да ги помрдне своите раце ни нозе без твое одобрение во целата Египетска Земја.

45. Фараонот го нарече Јосифа „Сафнат Панеах” и му ја даде за жена Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. И Јосиф тргна по целата Египетска Земја.

46. Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја.

47. Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство;

48. во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња.

49. Така Јосиф натрупа многу жито, како песок во морето, па прекрати да го мери, зашто беше без мерка.

50. Додека уште не настапија гладните години, на Јосифа му се родија два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он.

51. На првороденецот Јосиф му го даде името Манасиј, „зашто Бог - рече - направи да ги заборавам своите тешкотии и својот татков дом.”

52. На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.”

53. Седумте години на изобилство, што ги уживаше Египетската Земја, дојдоа до крај,

54. а се приближија седумте гладни години, како што прорече Јосиф. Во сите земји беше глад, а во целата Египетска Земја имаше леб.

55. А кога и целата Египетска Земја почувствува глад, луѓето извикаа кон фараонот за леб; а фараонот им рече на сите Египетци: „Одете при Јосифа, и што ќе ви рече, правете!”

56. Кога гладот се прошири низ целата земја, Јосиф ги отвори житниците, па ги снабдуваше Египетците со жито, зашто гладот стана голем и во Египетската Земја.

57. Од сите земји доаѓаа во Египет, при Јосифа, да купуваат жито, зашто гладот се засили по целиот свет.

Битие (1 Moj.) 41