Битие (1 Moj.) 41:39-48 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

39. А тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Откако Бог ти го откри сè тоа тебе, нема никој способен и мудар како што си ти.

40. Ти ќе бидеш управител на мојот дворец: сиот мој народ ќе им се покорува на твоите наредби. Единствено со престолот јас ќе бидам поголем од тебе.

41. Еве, те поставувам - му рече фараонот на Јосифа - над целата Египетска Земја.”

42. Потоа фараонот го извади печатниот прстен од својата рака и го стави на Јосифовата рака. И го облече Јосифа во облека од најубава ткаеница, а околу вратот му обеси златна огрлица.

43. Тој се возеше на кола, како негов заменик, а пред него викаа: „На колена!” Така го постави над целата Египетска Земја.

44. Уште фараонот му рече на Јосифа: „Иако сум јас фараон, никој нема да ги помрдне своите раце ни нозе без твое одобрение во целата Египетска Земја.

45. Фараонот го нарече Јосифа „Сафнат Панеах” и му ја даде за жена Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. И Јосиф тргна по целата Египетска Земја.

46. Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја.

47. Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство;

48. во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња.

Битие (1 Moj.) 41