Битие (1 Moj.) 37:21-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Но кога Рувим го чу тоа, се обиде да го избави од нивните раце. И рече: „Да не му го одземаме животот!

22. Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!” Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото.

23. Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него;

24. го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа.

25. Потоа седнаа да ручаат. Кога ги подигнаа своите очи, здогледаа поворка Исмаилци, како доаѓаат од Галад. Нивните камили носеа: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет.

26. Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Што ќе постигнеме ако го убиеме брата си, а ја скриеме неговата крв?

27. Ајде, да го продадеме на Исмаилците; но да не дигаме рака на него. Зашто тој е наш брат, наше месо.” Браќата го послушаа.

28. Тогаш пристигнаа луѓе, мадијамски трговци. Браќата го извлекоа од јамата за вода и им го продадоа на Исмаилците за дваесет сребреници, а тие го одведоа Јосифа во Египет.

Битие (1 Moj.) 37