26. Тогаш Лаван му рече на Јаков: „Што сакаш со тоа, измамувајќи ме и одведувајќи ги моите ќерки, како поробени со меч?
27. Зошто избега потајно, ме заблуди и не ме извести? Ќе те испратев со веселба и песна, со тапанчиња и со лира.
28. Не ме остави ни да ги изљубам своите ќерки и своите внучиња! Навистина, постапи лудо.
29. Во сила е на мојата рака да ви напакости; но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’
30. Добро, сега, замини како што копнееше по својот татков дом; но зошто ми ги украде идолите?”
31. Јаков му одговори на Лавана: „Треперев од мислата дека можеш да ми ги одземеш на сила своите ќерки.
32. А во кого ќе ги најдеш своите идоли, тој нека загине! Тука, пред нашите браќа, кажи што е твое при мене, и земи си го!” Јаков не знаеше дека Рахила ги имаше присвоено.
33. Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор.
34. А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде.
35. Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.” И така бараше, но не ги најде идолите.
36. Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш?
37. Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата.
38. За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо.
39. Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе.
40. Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи.