8. Исав сфати колку му се одвратни ханаанските девојки на татка му Исака.
9. Затоа отиде при Исмаила и, покрај жените кои веќе ги имаше, се ожени за Маелета, ќерка на Исмаил, синот Авраамов, а сестра Новајотова.
10. Јаков ја напушти Вирсавеа и се запати кон Харан.
11. Стигна во некое место и преноќева таму, зашто сонцето веќе беше зајдено. Зеде еден камен од местото, го стави под главата и легна на тоа место.
12. И виде сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Божји ангели се искачуваа и слегуваа по неа.
13. Покрај нив е Господ и му зборува: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков. Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство.
14. Твои потомци ќе има како и прав на земјата; ќе се раширите на запад, исток, север и југ; преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата.
15. И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив.”
16. Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!”
17. Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска!”
18. Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв.
19. Тоа место го нарече Ветил, додека името на градот, пред тоа, беше Луз.
20. Тогаш направи завет: „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,
21. така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог.
22. А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сè што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток.”