Битие (1 Moj.) 27:9-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Оди при стадото и донеси ми оттаму две убави јариња, а јас ќе му зготвам од нив на твојот татко вкусно јадење, какво што тој сака.

10. Тогаш ти ќе му однесеш на татка ти да јаде, за да може да те благослови тебе, пред да умре.”

11. Но Јаков и одговори на својата мајка Ревека: „Мојот брат Исав е влакнест, а јас сум без влакна!

12. Можеби татко ми ќе ме допре, и ќе излезам измамник во неговите очи, па ќе навлечам врз себе проклетство, а не благослов.”

13. Ама мајка му му одговори: „Сине мој, твоето проклетство нека падне врз мене! Само ти послушај ме, оди и донеси!”

14. Тој отиде, најде и и донесе на мајка си, а мајка му зготви вкусно јадење, какво што сакаше татко му.

15. Потоа Ревека ја зеде најубавата облека на својот повозрасен син Исав, што ја имаше во куќата, и го облече во неа својот помлад син Јаков.

16. Му ги завитка рацете и голиот дел на вратот со кожа од јариња.

17. Потоа му ги даде во рацете на Јакова: јадењето и лебот, што ги имаше приготвено.

18. Тој отиде при татка си и рече: „Татко!” Тој одговори: „Еве ме. Кој мој син си ти?”

19. А Јаков му одговори на татка си: „Јас сум Исав, твојот првороденец; направив како што ми рече. Сега стани, седни па јади од мојот лов, за да можеш тогаш да ме благословиш.”

20. Исак го праша својот син: „Како успеа толку бргу, сине мој?” Тој одговори: „Бидејќи Господ, твојот Бог, ми беше милостив.”

21. Потоа Исак му рече на Јаков: „Приближи се, сине мој, да те опипам дали си ти навистина мојот син Исав или не си.”

22. Јаков се доближи до татка си Исака, кој го опипа и рече: „Гласот е Јаковов, но рацете се Исавови.”

Битие (1 Moj.) 27