Битие (1 Moj.) 24:50-66 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

50. Тогаш, Лаван и Ватуил одговорија: „Тоа доаѓа од Господа; ние тука не можеме да речеме ни лошо ни добро.

51. Ете, Ревека е пред тебе: земи ја и оди си, нека му биде жена на синот на твојот господар, како што рекол Господ.”

52. Кога Авраамовиот слуга ја чу нивната согласност, Му се поклони на Господа до земја.

53. Потоа слугата извади сребрени и златни предмети, и облеки, и и ги даде на Ревека, а им даде дарови и на нејзиниот брат и на мајката.

54. Тогаш јадеа и пиеја тој и луѓето кои беа со него, и ја поминаа ноќта. Кога станаа утрото, тој рече: „Пуштете ме да се вратам при својот господар!”

55. А нејзиниот брат и мајка и одговорија: „Девојката нека остане со нас уште десет дни, па потоа тргни!”

56. Тој им рече: „Не задржувајте ме, кога Господ го приведе успешно моето патување. Пуштете ме да се вратам при својот господар!”

57. Тие одговорија: „Да ја повикаме девојката и да ја прашаме што мисли таа!”

58. Ја повикаа Ревека и ја прашаа: „Сакаш ли да тргнеш со овој човек?” Таа одговори: „Сакам.”

59. И така ги испратија својата сестра и нејзината доилка, со Авраамовиот слуга и со неговите луѓе.

60. Ја благословија Ревека и и рекоа: „Сестро наша, биди им мајка На неброени илјади; А твоите потомци Да ги заземаат вратите на своите непријатели!”

61. Тогаш Ревека и нејзините прислужнички станаа, ги јавнаа камилите и тргнаа со човекот. Така човекот ја зеде Ревека и замина.

62. Исак се врати од близината на Вир-Лахај-Рои; имено живееше во крајот Негев.

63. Во предвечерје, Исак излезе да се прошета по полето; ги подигна очите и ги виде камилите, како доаѓаат.

64. Кога Ревека, подигнувајќи ги своите очи, го виде Исака, слезе од камилата

65. и го праша слугата: „Кој е оној човек, кој ни иде во пресрет по полето?” А слугата одговори: „Тој е мојот господар.” И таа го зеде превезот и се покри.

66. Слугата му раскажа на Исака сè што извршил.

Битие (1 Moj.) 24