Битие (1 Moj.) 22:5-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Тогаш Авраам им рече на слугите: „Вие останете тука покрај ослето, а јас и детето ќе одиме горе да се поклониме, па ќе се вратиме при вас.”

6. Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица, ги натовари на сина си Исака, а во својата рака зеде оган за потпалување и нож. Така тргнаа двајцата заедно.

7. Тогаш Исак му рече на татка си Авраама: „Татко!” „Еве ме, сине!” се јави тој. „Еве огнот и дрвата - пак рече синот - но каде е јагнето за жртвата паленица?”

8. „Бог Самиот ќе си предвиди за јагнето за жртвата паленица, сине мој!” одговори Авраам. И го продолжија патот.

9. Стигнаа до местото за кое зборуваше Бог. Тогаш Авраам подигна жртвеник, ги нареди дрвата, го врза својот син Исака и го положи над цепениците на жртвеникот.

10. Сега Авраам ја испружи раката и го зеде ножот, за да го заколе сина си.

11. Но Господов ангел од небото го повика и рече: „Аврааме! Аврааме!” „Еве ме!” одговори тој.

12. „Не ја спуштај раката врз детето - рече - ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец.”

13. Ги подигна Авраам очите и виде, и ете, зад него овен сплеткан со роговите во грмушка. Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе во жртва сèпаленица место сина си.

14. Авраам му даде име на тоа место Јахве-Ире (Господ Промислува). Затоа се вели денес: „На Гората На Господовото Промислување.”

15. Господовиот ангел го повика Авраама, од небото, по вторпат

16. и рече: „Се заколнувам Сам со Себеси, Господ вели: бидејќи го направи тоа и не го задржа од Мене својот син единец,

17. ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег! А твоите потомци ќе ги освојуваат вратите на своите непријатели.

18. Бидејќи ја послуша Мојата заповед, сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство.”

Битие (1 Moj.) 22