6. Но се креваше пареа од земјата, и ја натопуваше почвата на целата земја.
7. Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа.
8. И Господ, Бог, насади градина на исток, во Еден, и таму го смести човекот, кого го обликува.
9. Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво - убаво за погледот и добро за храна - и дрвото на животот, среде градината, и дрвото за познавање на добро и зло.
10. Река извираше од Еден за да ја натопува градината; оттаму беше раздвоена, и настанаа четири главни реки.
11. Името на првата е Фисон, а ја обиколува целата Евилска Земја, во која има злато.
12. Златото на таа земја е добро, а има таму и бделиј и ониксов камен.
13. Името на втората река е Гион, а ја обиколува целата земја Хус.
14. Третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија; четвртата река е Еуфрат.
15. Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува и да ја чува.
16. Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината,
17. но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!”
18. И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.”