4. Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.”
5. Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.” И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.”
6. Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност.
7. Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!”
8. А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?”
9. Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.”
10. Тој Му донесе сè тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече.
11. Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше.
12. При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост.
13. И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години;
14. ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо.
15. А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост.
16. Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.”