13. И бидна вечер, па утро - трет ден.
14. И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините,
15. и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!” И бидна така.
16. И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите.
17. И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата,
18. да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.
19. И бидна вечер, па утро - четврти ден.
20. И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!”
21. Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро.
22. И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!”
23. И бидна вечер, па утро - петти ден.
24. И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!” И бидна така.
25. И Бог направи земни ѕверови според нивниот вид, и добиток според неговиот вид, и сите лазачи на земјата според нивниот вид. И Бог виде дека е добро.
26. И Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!”
27. Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско.
28. И Бог ги благослови и им рече Бог: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!”