10. Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро.
11. И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!” И бидна така.
12. И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро.
13. И бидна вечер, па утро - трет ден.
14. И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините,
15. и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!” И бидна така.
16. И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите.
17. И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата,
18. да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.
19. И бидна вечер, па утро - четврти ден.
20. И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!”
21. Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро.
22. И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!”
23. И бидна вечер, па утро - петти ден.
24. И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!” И бидна така.