Амос 9:1-9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Го видов Господа како стои над жртвеникот и говори: „Удри го надвратникот, за да се стресат праговите, и скрши ги над главите на сите, а кои ќе останат од нив ќе ги погубам со меч. Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси.

2. Ако се забијат и во подземјето, мојата рака ќе ги откорне. Ако се искачат и на небото, оттаму ќе ги слезам.

3. Ако се скријат и на врвот на Кармил, ќе ги најдам и ќе ги фатам. Ако се скријат од Мојот поглед на морското дно, ќе му заповедам на змевот да ги изеде.

4. Ако отидат и на заточение пред непријателот, и таму ќе му наредам на мечот да ги сосече; ќе ги насочам очите кон нив, но за несреќа, не за добро.”

5. Господ, Бог над Војските, Тој ја допира земјата, и таа се тресе, и сите жители на неа ќе затажат; се издига сета како Нил, и се спушта како Египетската Река.

6. Тој си создаде престол на небесата, и Својот свод го основа на земјата; Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата - Господ е името Негово.

7. „Израелеви синови, не сте ли за Мене како и Кушаните - говори Господ. Не го изведов ли Јас Израел од Египетската Земја, како Филистејците од Кафтор, и Арамејците од Кир?

8. Ете, очите на Господа Бога насочени се кон грешното царство, ќе го избрише од лицето на земјата. Сепак нема да го сотрам сосем Јакововиот дом - говори Господ.

9. Зашто, ете, ќе дадам заповед и ќе го расеам Израелевиот дом меѓу сите народи, како што се сее жито во решето, за да не падне ни зрнце на земја.

Амос 9