Амос 5:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Чујте го ова слово што го изнесувам против вас, тажачката, Израелев доме:

2. Падна и веќе не стана израелската девица. Таа лежи на своја земја, и нема никој да ја дигне.

3. Зашто Господ Бог му зборува вака на Израелевиот дом: „Во градот од кој излегуваа илјада, ќе останат сто, од кој излегуваа сто, ќе останат десет.”

4. Зашто Господ му зборува вака на Израелевиот дом: „Барајте Ме Мене и ќе живеете.

5. Не барајте го Ветил, не одете во Галгал, не патувајте во Вирсавеа, зашто Галгал ќе биде одведен во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо.

6. Барајте Го Господа и ќе живеете, или како оган ќе ја зафати Јосифовата куќа и ќе ја изгори, а во Ветил не ќе има никој да го угасне пламенот.

7. Тешко им на оние кои ја претворуваат правдата во пелин, кои ја фрлаат чесноста во прав!”

8. Тој ги направи Плеадите и Орион, Тој го обрнува мракот во зора, а денот во најгуста ноќ. Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата. Господ Му е името.

9. Одненадеж и праќа гибел на крепоста и и носи пропаст на тврдината.

10. Го мразат човекот што дели правда при вратата, и го корат оној што зборува чесно.

Амос 5