2 Цареви 9:5-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Кога стигна, заповедниците на војската токму седеа собрани. Тој рече: „Имам да ти кажам слово, заповеднику!” Јуј праша: „Кому од нас?” Тој одговори: „Тебе, заповеднику!”

6. Тогаш Јуј стана и влезе во куќата. Младиот човек му излеа масло на главата и му рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Те помазав за цар над Господовиот народ, над Израел.

7. Ти ќе го погубиш домот на Ахава, твојот господар, а Јас ќе ја одмаздам крвта на своите слуги пророците, и крвта на сите Господови слуги врз Језавела

8. и врз сиот Ахавов дом. Ќе му ги откорнам на Ахава сè што мокри покрај ѕид, робовите и слободниците во Израел.

9. Ќе направам со Ахавовиот дом како со домот на Јеровоам, синот Наватов, и како со домот на Васа, синот Ахиин.

10. Језавела ќе ја изедат кучињата во Езраелското Поле, и никој не ќе ја закопа.’” - Потоа ја отвори вратата и избега.

11. Јуј излезе кај придворниците на својот господар. Тие го прашаа: „Дали е сè во мир? Зошто дојде тој безумник кај тебе?” Тој им одговори: „Го знаете човекот и неговата беседа.”

12. Тие рекоа: „Не знаеме! Кажи ни!” Тој им рече: „Ми зборуваше така и така и ми рече: ‘Господ вели вака: „Те помазав за цар над Израел!”‘“

13. Тие веднаш ги зедоа своите наметки и ги послаа пред него на лествиците, затрубија во роговите и извикаа: „Јуј е цар!”

14. Така Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев, подготви завера против Јорам, тогаш Јорам го бранеше Галадски Рамот со сите Израелци против Азаил, арамејскиот цар.

15. Ама царот Јорам се врати во Израел за да ги лечи раните што му ги зададоа Арамејците во бојот против Азаил, арамејскиот цар. И Јуј рече: „Ако ви е по волјата, нека никој не избега од градот за да однесе вест во Езраел.”

16. Тогаш Јуј се качи во кола и отиде кон Езраел, зашто Јорам боледуваше таму, и Охозиј, јудејскиот цар, дојде да го посети.

17. Стражарот што стоеше на стражарницата во Езраел, гледајќи дека доаѓа Јујовата чета, јави: „Гледам некаква чета.” Јорам нареди: „Земи коњаник и испрати го пред нив да праша: „Дали е сè со мир.”

18. Коњаникот отиде пред него и рече: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” - Јуј одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.” Стражарот соопшти: „Гласникот стигна до нив, но не се враќа.”

19. Царот испрати друг коњаник. Тој дојде кај нив и праша: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” Јуј му одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.”

20. Стражарот јави пак: „Дојде до нив, ама не се враќа. А возењето е како возењето на Јуј, синот Нимсиев: вози како безумник!”

21. Јорам рече „Спрегнувај!” И спрегнаа во неговата кола. Јорам, царот на Израел, и јудејскиот цар Охозиј излегоа, секој во својата кола во пресрет на Јуј. Го сретнаа во полето на Езраелецот Навутеј.

22. Кога Јорам го здогледа Јуја, го праша: „Дали е сè во мир, Јуј?” Овој одговори: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!”

2 Цареви 9