9. Израелците и нивните цареви постојано правеа незгодни дела против Господа, својот Бог. Подигнаа високи места во сите свои населби: од стражарските стражарници па до утврдените градови.
10. Подигнаа столбови и ашери на секое повисоко ритче и под секое зелено дрво.
11. Таму, на сите високи места, кадеа според обичајот на народите што Господ ги протера пред нив, и правеа лоши дела та го предизвикуваа Господовиот гнев.
12. Им служеа на ликовите, иако Господ им беше рекол: „Не правете го тоа!”
13. А Господ ги опоменуваше Израелците и Јудејците преку сите свои пророци и преку сите претскажувачи: „Обратете се од својот лош пат - зборуваше - и покорувајте им се на Моите наредби и заповеди според Законот што им го наложив на вашите татковци и според сè што ви објавив преку Своите слуги - пророците.”
14. Но тие не послушаа, туку останаа со корави вратови како и нивните татковци, кои не веруваа во Господа, својот Бог.
15. Ги презираа Неговите закони и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите опомени што им ги упатуваше. Се стремеа кон суетата, па и самите станаа суетни, следејќи ги народите околу себе, иако Господ им заповеда да не прават како нив.
16. Ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња. Подигнаа ашери, и се клањаа на сета небеска војска и му служеа на Ваала.
17. Ги поминуваа своите синови и ќерки низ оган, се предаваа на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го.
18. Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице. Остана само Јудиното племе.
19. Но Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и ги следеше обичаите што ги држеа Израелците.