11. Ама Амасиј не послуша. Израелскиот цар Јоас излезе, та се сретнаа во бој, тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет Семес, во Јудеја.
12. Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа секој под својот шатор.
13. Израелскиот цар Јоас го фати во Вет Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Охозиин, и го одведе во Ерусалим. Тогаш го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аглената Врата, во должина од четири стотини лакти.
14. Откако го зеде сето злато, сребро и садовите што се наоѓаа во Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија.
15. Другата Јоасова повест, сè што направи и преземал, и како војувал со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
16. Јоас почина со своите татковци и е погребан во Самарија покрај израелските цареви. Неговиот син Јеровоам се зацари место него.