2. Потоа Давид и сета војска што беше со него тргнаа на пат во Јудина Вала за да го донесат оттаму Божјиот Ковчег, што го носи името на Господа на Силите, Кој живее над херувите.
3. Божјиот Ковчег го положија на нова кола, откако го изнесоа од Авинадавовата куќа, што стоеше на ритчето. Уза и Ахио, Авинадавовите синови, ја придружуваа колата.
4. Уза врвеше покрај Божјиот Ковчег, а Ахио одеше пред него.
5. Давид и сиот Израелев дом играа пред Господа со сета сила, пеејќи наспоредно со звуците на гуслиња, псалтири, тапанчиња, свирки и кимвали.
6. Кога дојдоа до Нахоновото Гумно, Уза посегна со раката по Божјиот Ковчег, за да го придржи, зашто воловите за малку не го превртија.
7. Но Господ се разгневи на Уза: Бог го удри на место заради тој престап, така што умре таму, покрај Божјиот Ковчег.
8. На Давида му беше жал зашто Господ го удри така Уза, и тој го нарече тоа место Фарес Уза (Пораз), како што се вика и до денешниот ден.
9. Во тој ден Давид се уплаши од Господа и си рече во себеси: „Како би можел да дојде кај мене Господовиот Ковчег?”
10. Затоа Давид не сакаше да го премести Господовиот Ковчег кај себе, во Давидовиот Град, туку го смести во куќата на Овид-Едом од Гет.
11. И Господовиот Ковчег остана во куќата на Овид-Едома гетеецот три месеци, и Господ го благослови Овид-Едома и сиот негов дом.
12. Кога му соопштија на царот дека Господ го благослови Овид-Едомовото семејство и сиот негов имот заради Божјиот Ковчег, Давид отиде и го пренесе Божјиот Ковчег од Овид-Едомовата куќа горе во Давидовиот Град со голема веселба.
13. Туку што носачите на Божјиот Ковчег пречекорија шест чекори, Давид жртвува вол и згоен овен.
14. Давид играше со сета сила пред Господа, а беше наметнат само со ленен наплеќник.